речник контакт

Каде ќе студираат 600 студенти во Велес?

Бившо училиште иднина за 600 студенти

Петар Печков

Подновениот објект на ОУ „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ е поделен на два блока, во кои ќе студираат идните хотелиери и информатичари.

Околу 600 студенти во Велес во нов објект ја почнаa новата академска година на дисперзираните студии на два факултета од битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Студентите што досега настава следеа во зградата на Пионерскиот дом „Ѓоре Органџиев“ во иднина ќе студираат во реновираната зграда на поранешното ОУ „Јордан Хаџиконстантнинов-Џинот“.

На Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, кој три години има дисперзирани студии во Велес, има повеќе од 500 студенти на четирите насоки осигурување, туризам, гастрономија и хотелиерство. Годинава има 200 бруцоши, а најголем е интересот за осигурување и туризам.
 
- Решив да се запишам на овој факултет бидејќи Велес ми е поблиску од Охрид. Потегот за дисперзирани студии е за пофалба - вели студентот Ивица Анастасовски од Скопје. 
 
На Техничкиот факултет од Битола, кој есенва првпат ќе има настава и во Велес, запишани се стотина студенти на отсекот информатика, а за сообраќај немаше заинтересирани. Најголемиот број од запишаните на двата факултета се од Велес и од Скопје, а има и од Повардарието, Штип и Кочани. Од први октомври тие ќе се вселат во новиот објект, кој локалната власт им го преотстапи на овие два факултета.

Објектот на поранешното ОУ „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ е поделен на два блока, во кои ќе работат двата факултета. Тука студентите ќе имаат подобри услови за настава, а за поголемиот број од нив што патуваат, важно е и тоа што на десетина метри е градската Автобуска станица.
 
- Објектот го реновиравме со Факултетот за туризам и со Техничкиот факултет. Извршена е комплетна санација на зградата, санитариите, подот, прозорците... Зградата ќе биде функционална и ќе одговори на потребите на студентите - изјави градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. 
 
Првиот дипломиран студент на велешките дисперзирани студии на Факултетот за туризам се очекува следната есен.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »